Чести бактериски инфекции кај деца

Урша Јарц, мр. фарм.
Најчеста причина за препишување на антибиотици кај деца се инфекциите на горнореспираторниот систем, потоа инфекциите на долнореспираторниот систем, на кожата и поткожното ткиво и други. Иако кај нас употребата на антибиотици е умерена, потрошувачката на антибиотици кај деца до 14 години е поголема од просечната.
Бактериски инфекции кај децата: ангина, воспаление на синусите и средното уво

Антибиотиците се употребуваат за третман на бактериски инфекции, а кај вирусните инфекции не делуваат. Со оглед на тоа дека во светот се повеќе расте отпорноста на бактериите на антибиотици, бактериските инфекции треба со сигурност да се дијагностицираат и лекуваат.1

Кои се најчести бактериски инфекции кај деца?

Воспаление на средно уво

До третата година од животот околу три четвртини од децата и нивните родители најмалку еднаш се сретнуваат со воспаление на средно уво.2 Тоа често следи по инфекција на горнореспираторниот систем поради лошата проодност на носот и Еустахиевата туба. Најчести симптоми на оваа состојба се болка во увото, покачена телесна температура и останатите симптоми карактеристични за воспаление на горнореспираторениот систем.

Иако кај воспалението на средно уво во дури 80% од случаите е присутна бактериска инфекција, не се препорачува веднаш лечење со антибиотици, туку најпрво се следи состојбата на детето 2 до 3 дена.

Кога антибиотикот е правилен избор?

Ако состојбата не се подобри или е уште полоша до следната посета на лекар; кога ќе се потврди дијагноза на бактериска инфекција; кај потежок облик на болест; при јака болка во увото и телесна температура над 39 °C. Во секој случај, се употребуваат антибиотици кај доенчиња помали од 6 месеци. Дури 4 од вкупно 5 случаи на воспалено средно уво се лечат сами во период од 7 до 14 дена.2

За третман на ангина, воспаление на синусите или средното уво докторот може да препише антибиотик, но тој предизвикува дијареа кај секое петто дете.

 

Ангина

Поимот ангина го употребуваме за воспаление на грлото и крајниците. Најчест причинител на таканаречената гнојна ангина е бактеријата бета-хемолитички стрептокок од групата А. Вообичаено се јавува помеѓу 5. и 15. годишна возраст и е релативно поретка кај децата од предучилишна возраст.

Симптомите се јавуваат изненадно и се манифестираат како болно грло, тешкотии при голтање, покачена телесна температура, отечени крајници и грло. Дијагнозата на бактериска инфекција лекарот ја потврдува преку брис од грло, а потоа воведува лекување со антибиотик. Овој тип на бактерии исто така се причинители и на шарлах, кој има ист тек на болеста со ангината и единствена разлика е тоа што кај шарлахот брзо се јавува и кожен осип по телото. Затоа дијагностицирањето на шарлах е побрзо и што поскоро се почнува лекување со антибиотик.2

Бактериски инфекции кај децата: ангина, воспаление на синусите и средното уво

Воспаление на синуси

Синузитис или воспалението на синуси во 95% од случаите е предизвикан од вирусна инфекција позната како обична настинка. Кај скоро секое десетто дете на вирусната инфекција на горнореспираторниот систем, се накалемува и секундарна бактериска инфекција.

Бактерискиот синузитис најчесто го предизвикува истата бактерија како и кај инфекцијата на средното уво. Поради местоположбата лекарот не може да направи брис од инфицираниот синус и тешко му е да ги разликува вирусната од бактериската инфекција на синусите. Најдобар доказ дека станува збор за бактериска инфекција е времетраењето на симптомите. Затнат нос, кашлање и болка во грлото се симптоми кои кај бактериска инфекција траат повеќе од 10 дена и нема видливо подобрување.

Вирусните и бактериските инфекции често поминуваат и без употреба на антибиотик, но секако дека лекар по своја стручна проценка може да го препише.2

Во светот се повеќе расте отпорноста на бактериите на антибиотици. Затоа нивната употреба треба да биде рационална и пред се оправдана. Секоја кашлица и течење на нос не значи дека на Вашето дете му е потребен антибиотик бидејќи може да му направи повеќе штета отколку корист. На вируси, причинители на настинка, навистина не делуваат, а може да предизвикаат пролив, што според некои податоци може да се јави кај скоро секое петто дете.2

Повеќе за правилната употреба на антибиотици прочитајте во текстот.

Други совети

  1. Alter SJ et al. Common childhood bacterial infections. Curr Probl Pediatr Adolesc Health Care. 2011 Nov;41(10):256-83.
  2. Cochrane review 2015: Probiotics for the prevention of pediatric antibiotic-associated diarrhea.
back to top