Сезоната на ротавирусот ни е пред врата!

Урша Јарц, мр. фарм.
Скоро секое дете во Европа добива инфекција предизвикана од ротавирусот барем еднаш до својата петта година. Ротавирусот е најчестата причина за цревните инфекции која се јавува во зимските месеци кај децата во форма на повраќање и дијареа.
Ротавирус, дијареа и деца

Ротавирусот е мал вирус кој се размножува во клетките на тенкото црево. Кога ќе се размножат доволно, клетките умираат и бројни вируси повторно се ослободуваат од цревата. Умирањето на клетките од цревниот ѕид спречува варење на консумираната храна и апсорпција на вода.

Гастроинтестиналниот систем брзо се празни заради големиот волумен на несварена храна и вода. Резултат е водена и честа дијареа, болки во стомакот, треска и – на самиот почеток на инфекцијата – повраќање. Повраќањето и дијареата обично траат од 3 до 8 дена.

Повраќањето и дијареата може да предизвика опасно губење на течности и електролити, односно дехидрирање, кое се манифестира како зголемена жед, сува уста и испукани усни, плачење со малку или без солзи, воспаление на очите, бледа и ладна кожа. Детето уринира помалку од вообичаено, урината е со потемна боја и може да има непријатен мирис. Детето на почетокот е раздразливо, подоцна станува безболно, поспано и збунето.

Не постои специфичен третман и затоа е најважно да се надополнуваат изгубените течности, електролити и гликоза и да се земаат ефикасни пробиотски култури.

Колку е помало детето, толку дехидратацијата е поопасна – на едно од 70 деца им треба инфузија во болницата. Ако детето не пие вода, треба да им се даде разреден сок, а најдобро е да се пијат раствори за орална рехидратација.

Течноста треба да се дава во редовни временски интервали и во мали количини. Ако детето повраќа, почекајте 20 до 30 минути и потоа продолжете да давате течности. Кај новороденчињата продолжете со доење.

При дијареа рехидратацијата е најважна мерка!

Треба да посетите доктор во случаи кога станува збор за новороденче до 3 месечно бебе, постојано повраќање и често празнење на цревата со зголемена количина на столица (повеќе од 8 пати на ден).

Добрата хигиена е најважна за да се спречи ширењето на вирусот. Вирусот се наоѓа во столицата на болното дете и може брзо да се пренесе на други деца и возрасни преку заразени раце, играчки, допирање на заразени површини, преку храна и вода.

Малите деца се најподложни на инфекции. Првата инфекцијата обично предизвикува најтешки симптоми, а секоја наредна инфекција има поблаги симптоми. Детето е заразно цело време во периодот на траење на симптомите и уште три дена по престанокот на симптомите и затоа мора да остане дома за да не ги зарази другите деца во градинка или училиште. Инфекцијата може да се ублажи со вакцинација.

При акутна дијареа се препорачува употреба на докажано ефикасни пробиотски култури кои го намалуваат траењето и интензитетот на дијареата.

 

Инфекцијата предизвикана од ротавирусот може да ја наруши многу кревката рамнотежа во гастроинтестиналниот систем кај децата. Честа дијареа, пропратена со вирусот, ја отстранува и цревната микрофлора, која до две годишна возраст сеуште се развива.

На детската микрофлора потребно и е повеќе време да се обнови во споредба во микрофлората кај возрасните. Обновувањето на цревната микрофлора може да се забрза со воведување на докажано ефективни пробиотски култури, како што се Lactobacillus rhamnosusGG и Saccharomyces boulardii.

Извори:

  1. Raming R. J. Virol. Oct. 2004;78(19): 10213–10220
  2. Soriano-Gabarro M et al. Pediatr infect Dis J 2006;25(1):Suppl S7-S11
  3. Parashar et al. Emerg Infect Dis 2003;9(5):565–572
back to top