7 важни чекори кои треба да ги превземете во случај на акутна дијареа

Урша Јарц, мр. фарм.
Пролив или дијареа претставува често празнење на цревата (повеќе од три пати дневно) со голема количина на течна столица, најчесто проследена со температура или повраќање, а кај деца помали од три години се јавува до два пати годишно. Главни причинители се вирусите (најчесто ротавируси и норовируси), бактериите, употребата на антибиотици, алергии, а поретко инфекции предизвикани од паразити или дргуго.
Што треба да направите кога детето има дијареа

При правилен третман дијареата е непријатна, но безопасна болест. Повраќањето, проливот и покачената телесна температура при недоволен внес на течности кај новороденчиња и мали деца може брзо да предизвикаат дехидрација. Акутниот пролив е и честа причина за хоспитализација кај малите деца.

Кои мерки да ги превземете при појава на дијареа?

1. Најважно е надокнадување на изгубените течности

Во согласност со светските препораки се советува моментално надокнадување на течности со орален раствор за рехидрација (ORS)1,2  Оралните раствори за рехидрација се посебно подготвени прашоци кои се достапни во аптеките и ја содржат потребната концентрација на електролити и глукоза.

Почетно надокнадување на течности

Во текот на првите четири часа на детето треба да му се даде од 0,5 до 1 децилитар орален рехидрациски раствор на килограм телесна тежина. Течноста треба да се дава во редовни интервали, во мали количини, особено ако детето повраќа (на пример 5-10 голтки или мала лажичка). После повраќање почекајте 20-30 минути, па потоа продолжете со давање на растворот.

Болните деца често одбиваат течности и поради тоа е многу важно да се инсистира да примаат течности! После почетното надокнадување на изгубените течности детето може да го доите или храните.

Одржување на соодветна хидрација и редовно надополнување на изгубените течности

Додека да почнат да се смируваат проливот и повраќањето, со цел да се спречи дехидрација треба што повеќе да се надополнуваат дневните потреби за течности кај детето со помош на орален раствор за рехидрација. После секое празнење на цревата со ретка столица треба да се земе уште 0,1 децилитар (10мл) орален раствор за рехидрација на килограм телесна тежина, а после секое повраќање 2 мл орален раствор за рехидрација на килограм телесна тежина. Ако внесот на течности е поголем од губитокот на истите, нема да дојде до повторна дехидрација.

При дијареа рехидратацијата е најважна мерка!

2. Посебна исхрана (диета) не е потребна

При акутна дијареа, се препорачува да се продолжи со вообичаената исрана на детето бидејќи проливот и повраќањето предизвикуваат губење на енергија и сила кај детето.

Кај новороденчињата секогаш продолжете со доење. Првите два дена додека трае проливот се советува консумирање на полесна храна која вклучува: супи, кашички од гриз, банани, ориз со морков сварени во супа, парчиња варен компир и пилешко, како и леб. На детето му се нудат мали и чести оброци, приближно на секои два часа, помеѓу кои задолжително треба да се надополнуваат течности со орален раствор за рехидрација. После првите два дена можете да ја збогатите исхраната на детето со лесно сварливи намирници кои имаат висока енергетска и нутритивна вредност, а такви се: тестенините, пченкарениот гриз, разни житарки, јајца, сирење, како и помали количини на путер и висококвалитетни растителни масла. Целта е детето да ја јаде вообичаената храна, нормално само под услов таа да е регулирана и разновидна.

Кај децата не е потребна диета кога имаат дијареа

3. Надокндување на добрите бактерии во цревата со докажано ефикасни пробиотски култури

Европското здружение за детска гастроентерологија, хепатологија и исхрана (ESPGHAN) во 2014 година издаде препорака за третман во случај на акутна дијареа, според која покрај моменталната рехидрација со орален раствор се препорачува и истовремено воведување на докажано ефикасни пробиотски култури (Lactobacillus rhamnosus GG, Saccharomyces boulardii; A-степен на препорака). Lactobacillus rhamnosus GG и S. Boulardii докажано го намалуваат времетраењето и интензитетот на симптомите при акутна дијареа.

При акутна дијареа се препорачува употреба на докажано ефикасни пробиотски култури кои го намалуваат траењето и интензитетот на симптомите.

 

4. Водење грижа за хигиената на рацете

Многу е важно рацете да се мијат често и темелно со течна вода и сапун, најмалку 20 секунди. На децата им е потребна контрола за хигиената да биде целосна и за да се отстранат што повеќе бактерии. Со цел да биде позабавно миењето на раце, вие и вашето дете може тоа да го правите со песничка, така детето полесно ќе запамети колку долго треба да трае миењето на рацете. Задолжително измијте ги и вашите и рацете на вашето дете после користење на тоалет, менување на пелени и пред подготовка на храна и пијалоци. Доколку немате вода и сапун на располагање, употребете средство за дезинфекција на база на алкохол кое многу брзо отстранува голем број на бактерии.

5. Дезинфекција на околината

Потребно е да се грижите и за чистење и дезинфекција на предметите и површините кои се во контакт со фекалии или често ги допирате. Чистете ги и одржувајте ги секогаш чисти играчките на вашето дете, површините за менување пелени, рачките на вратите, површините за играње, кујната и сите други предмети на кои инфицираното дете може да го пренесе вирусот или бактериите кои се најчести причинители на акутна дијареа кај деца. Имајте во предвид дека во случај на инфекција со ротавирус детето е заразено уште 1 до 2 дена пред појава на симптомите.3

6. Не го носете детето во градинка

Децата кои имаат дијареа не смеат да посетуваат градинка и треба да останат дома се додека еден цел ден нема да имаат пролив. Известете ги вработените во градинката за проливот, за добро да ги исчистат и дезинфицираат сите простории и површини за играње во истата. Ротавирусот, најчестиот причинител на акутна дијареа е многу заразен и може да остане на површините уште неколку недели или месеци.

7. Кога треба да посетите лекар?

Посетата на лекар е задолжителна ако:

  • доенчето е на возраст помала од 3 месеци
  • има тешка примарна болест (пр. дијабет, автоимун дефицит)
  • има повраќање кое не престанува
  • има чести (повеќе од 8 пати на ден) столици кои содржат голема количина на вода
  • има силни стомачни болки
  • доколку забележите знаци на умерена или тешка дехидрација (сува уста и јазик, плачење со малку солзи и воопшто без солзи, воспалени очи, малку урина или нејзин недостаток, вртоглавица, губење на свест, губиток на телесна тежина) 

Литература:

  1. Guarino A, Ashkenazi S, Gendrel D, Lo Vecchio A, Shamir R, Szajewska H. European Society for Pediatric Gastroenterology, Hepatology, and Nutrition/European Society for Pediatric Infectious Diseases Evidence-based guidelines for the management of acute gastroenteritis in children in Europe. J Pediatr Gastroenterol Nutr. 2014;59:132-5.
  2. Floch MH. et al. Recommendations for probiotics use – 2015 update. J Clin Gastroenterol.2015;49:S69-73.
  3. Rotaviroza (okužbe z rotavirusi). NIJZ, 2016. Dostopno na www.nijz.si/sl/rotaviroza-okuzbe-z-rotavirusi (13. 10. 2017)
back to top