Ефикасна рехидрација кај проливи и повраќање

Тина Планкар Сровин, др мед., Клиника за инфективни болести Љубљана, Надја Отт, маг. фарм.
Дехидратација е губење на голема количина на вода и електролити од телото која може да предизвика здравствени тешкотии или дури и смрт. Особено е опасна кај доенчиња.
Повраќањето и дијареата кај доенчињата и децата може брзо да предизвикаат дехидратација

Водата и електролитите од телото постојано ги губиме со дишење, потење, празнење на цревата и со излачување на мокрачата. Водата и електролитите ги внесуваме со храната и пијалоците. Ако основните процеси во организмот се одвиваат нормално, рамнотежата на течности и електолити останува во релативно тесен сооднос.

Со оглед на тоа дека од телесната тежина на доенчињата и малите деца, голем процент припаѓа на водата, дури 70 до 80%, одржувањето на таа количина во телото е од голема важност.

Препорачани вредности за внес на течности според тежина на детето:

Holliday-Segarova шема

Holliday-Segarova шема

Третман на дехидратација

Важно е да се надокнадат течностите

Се препорачува што побрзо да се почне со употреба на орален рехидрациски раствор (ОРР). Тоа се посебно подготвени прашоци кои се достапни во аптеките и содржат правилен однос на електролити и глукоза. 

Почетно надокнадување на течности

Во првите четири часа давајте му на детето од 0,5 до 1 dl ОРР на kg телесна тежина. Течноста давајте му ја во интервали и во мала количина, посебно ако детето повраќа (на пр: по една голтка или лажичка на секои 5-10 минути). После повраќање почекајте 20-30 минути и продолжете да му давате ОРР. Болните деца многу често одбиваат да пијат течности, затоа е важно да настојувате и да бидете упорни со давањето на ОРР. После почетното надокнадување на течностите можете да го доите или храните детето (но не му наметнувајте храна; диета не е потребна) и да додавате други течности. 

Одржување на хидрација и надокнадување на течности

Додека проливот и повраќањето не почнат да се смируваат, за да спречите понатамошна дехидратација, дневните потреби на детето за течности што повеќе надокнадувајте ги со давање на ОРР. После секоја течна столица дадете му на детето уште 0,1 dl (10ml) ОРР на kg телесна тежина и после секое повраќање уште 2 ml ОРР на kg телесна тежина. Доколку внесот на течности биде поголем од губитокот, ќе спречиме повторна дехидратација.

При акутна дијареа се препорачува употреба на докажано ефикасни пробиотски култури кои го намалуваат траењето и интензитетот на дијареата.

 

Повраќање, проливи и покачена телесна температура како и недоволното внесување на течности кај доенчињата и малите деца многу брзо може да предизвикаат дехидратација. 

Важни симптоми на дехидратација кои може да ги забележи родителот се:

  • жед
  • сува уста и јазик
  • плачење без солзи 
  • вдлабнати очи
  • »овената« кожа 
  • мала количина на мокрача или густа мокрача (со темна боја)
  • вдлабната голема фронтанела
  • вртоглавица, зашеметеност
  • прво раздразливост, потоа апатичност и поспаност
  • губење на телесна тежина

Кога да посетите лекар?

Посета на лекар е секогаш потребна:

  • кај доенчиња до 3 месечна возраст
  • кај потешка основна болест ( на пр. Шеќерна болест, автоимун дефицит и слично) 
  • при повраќања кои не престануваат
  • кај честа (повеќе од 8 пати на ден) течна столица
  • при јаки болки во стомак
  • ако родителот му наведе на медицинскиот персонал знаци на умерена и тешка дехидратација

извор:

  1. Bernstein DI: Pediatr Infect Dis J. 2009 Mar;28(3 Suppl):S50-3. Guarino et al: 2014. J Pediatr Gastroenterol Nutr. 2014;59:132–152.
back to top