Витаминот Д во исхраната кај децата

Тена Нисетео, дипл. инж. прех. тех.
Витаминот Д спаѓа во групата на витамини кои се растворливи во мастите. Природно е присутен во малку намирници, а вклучува повеќе биолошки активни материи кои ги нарекуваме калцифероли.

Најпознати егзогени облици на витаминот Д се: ергокалциферол (витамин Д2) од растително потекло и холекалциферол (дитамин Д3) од животинско потекло.

Ендогениот витамин Д е холекалциферол кој што човечкото тело е способно само да го произведе од холестеролот со помош на сончевата светлина(УВБ-зрачење). Меѓутоа, сите овие облици на витаминот Д мораат да се активираат преку два степена на хидроксилација, во црниот дроб и бубрезите, каде што најпосле се добива активната форма – 1.25 дихидрокси холекалциферол.

Со одржување на соодветното ниво на калциум и фосфор во серумот, витаминот Д обезбедува нормална минерализација на коските, и раст и развој на коскеното ткиво. Витаминот Д ја забрзува апсорпцијата на калциумот, а има и други улоги во организмот, како што е модулирањето на растот на клетките, невромускулните и имунолошките функции, намалувањето на воспалителните процеси.

недостаток од витамин Д

Поради растот и развојот, недостаток од витамин Д најчесто се јавува кај децата, особено кај помладите од три години. Статусот на витаминот Д кај новороденчињата е условен од витаминскиот статус на мајката, од кој пак зависи и количината на витаминот Д во нејзиното млеко.

Главни причини за недостаток од витаминот Д кај доенчињата се: исхраната која се заснова на мајчино млеко или на адаптирано млеко, внесувањето на производи кои имаат релативно малку витамин Д и краткотрајно изложување на сонце поради опасност од изгореници.

Од овие причини Европоското друштво за детска гастроентерологија, хепатологија и исхрана препорачува додавање на витаминот Д кај новороденчињата после навршен еден месец од животот, без оглед на мајчиниот витамински статус.

Недостатокот од витамин Д може да има тешки последици врз здравјето на детето, меѓу кои, најпознат е рахитисот. За оваа болест карактеристична е деминерализацијата на коскеното ткиво која причинува омекнување и деформација на коските, бавен развој на забната глеѓ и дентинот, хипокалциемија, болки во коските, слабост во мускулите, лош развој и низок раст.

Од недостатокот на витамин D можни се сериозни последици по здравјето, меѓу кои најпознат е рахитисот.

Кај сите доенчиња и деца зголемен е ризикот од недостаток на витаминот Д, а посебно ризични групи се:

  • деца со темен тен,
  • деца кои малку и ретко се изложуваат на сонце (кои се често во затворени простории и телото воглавно им е прекриено со облека),
  • деца кои се доени долг период и не примаат додаток од витамин Д,
  • деца со некои хронични болести.

Со оглед на фактот дека токсичноста на витаминот Д е веќе утврдена, препорачуваме тој да се додава под надзор на стручно лице. Големите дози на витамин Д може да предизвикаат пред сè хиперкалциемија, која потоа се поврзува со појавата на голема жед, застој во растот, анорексија, повраќање, намален IQ, и со калцификација на мекото ткиво и создавање на бубрежен камен.

Постојат малку природни извори на витамин Д. Мрсните риби (харинга, скуша, туна, сардела, лосос) и маслото од црниот дроб на бакаларот се најбогати извори на витаминот Д3, а помали количини има во говедскиот црн дроб и жолчката.

Добар извор на ергокалцифероли, односно на витамин Д2 се печурките и квасецот. Денес, токму овие две форми се додаваат во млекото и млечните производи, како и во другите намирници кои природно имаат многу малку витамин Д.

Сонцето не е само најголем извор на енергија, туку е и извор на витаминот Д, затоа долгото и топло лето е најдобра суплементација на „сончевиот витамин“.

За доволен внес на витамин Д одберете го најдоброто

back to top