Пливање и дијареа

Доц. Др Матеја Логар, д- р по медицина
Пливањето или спортските активности во слатки води за време на летните месеци претставуваат значаен ризик фактор за појавата на акутна цревна инфекција. Согласно некои проценки акутната дијареа се појавува кај 3-8% од луѓето кои се капеле во слатки води.

Во водите за капење се наоѓаат причинители кои често предизвикуваат цревна инфекција (Campylobacter spp., Salmonella spp., Giardia spp., Cryptosporidium spp. и ентеровируси), и тоа во значително поголема концентрација отколку во храната или пак во водата за пиење.

За време на пливањето просечно пиеме од 10 до 150 мл. вода во еден час. Децата често играат во плиткото и песокот, каде што е најголема концентрацијата на микроби. Покрај тоа, децата подолго остануваат во вода од возрасните, често нуркаат, пијат повеќе вода и често ги ставаат предметите во уста. Затоа, децата помали од 10 години почесто страдаат од дијареа отколку возрасните.

Водата во базените содржи бактерии кои може да предизвикаат цревни инфекции и дијареа, во значително поголеми концентрации отколку во храната и водата за пиење.

Бактерии, вируси и паразити – причинители за инфективна дијареа

Во јавните места за капење (базени, езера, реки) редовно се проверува квалитетот на водата. Кога е неопходно, тие можат да се затворат доколку во водата има зголемена концентрација на индикаторски бактерии (Escherichia coli и други колиформни бактерии) кои укажуваат на фекално загадување на водата за капење.

Со овие методи, за жал, не може да се докаже присуство на ентеровируси и паразити, кои исто така можат да предизвикаат акутна дијареа. Езерата и реките можат да бидат загадени со измет од животни, кога во близина има пасишта или канализација која не е соодветно регулирана. Повисока концентрација на микроби во реките и езерата може да се појави и после поројни дождови, кога дождовницата го раствора животинскиот измет во земјата, а потоа во реките или во езерата.

Омилените места за капење на кои има многу посетители исто така претставуваат поголем ризик за појава на цревни инфекции. Во овие случаи станува збор за пренесување на инфекцијата од човек на човек. Најчесто дијареата се појавува како резултат на вирусни причинители, а особено се распространети норовирусите и ротавирусите, кои се отпорни на дезинфекцијата со хлор и тоа им овозможува да се шират во јавните и приватните базени. Малите деца кои имаат или имале дијареа во последните 48 часа се најчесто оние кои ги пренесуваат инфекциите. Норовирусите и ротавирусите се отпорни на дезинфекцијата со хлор.

Знаци на цревна инфекција се дијареа, повраќање и болки во стомакот.

Кога е најголема веројатноста за појава на инфекции?

По пливањето или спортските активности во слатки води, најголем ризик за појава на цревна инфекција постои кај децата помлади од 10 години, кај постарите лица и лицата со ослабен имунолошки систем. Кај децата пак, под пет години постои најголем ризик од инфекција, бидејќи тие сè уште не развиле имунитет на ротавирусите (освен ако не се вакцинирани). Во песокот на брегот, микробите се присутни во повисоки концентрации. Бидејќи децата често играат во песокот, тие се изложени на микроби почесто и подолго отколку возрасните.

Прилично висок ризик претставува и кога децата играат во песокот. Имено, тогаш голема количина песок им влегува во устата. Исто така, и спортските активности за време на кои подолго време постои контакт со вода предизвикуваат зголемен ризик од цревни инфекции. Такви спортски активности се: триатлонот, сурфањето, сурфањето со змај и нуркањето. Утврдено е дека со веслањето и риболовот се зголемува ризикот од цревни инфекции, а веројатноста од акутна дијареа се зголемува за дури 40-50% во споредба со спортските активности каде што нема контакт со вода.

Различни знаци на цревната инфекција

Знаци на инфекција можат да се појават во рок од неколку часа (ако сме заразени со вирус) или неколку дена (ако сме заразени од паразити) по изложувањето на контаминирана вода. Кај вирусните инфекции најголема тегоба може да биде повраќањето, после кое следи помалку или повеќе изразена дијареа.

Кај бактериските причинители, покрај дијареата може да биде присутна и зголемена температура, болки во стомакот, општа лоша состојба, а повраќањето да биде помалку изразено. Особено, кај инфекциите предизвикани од паразити може да се појави хронична (долготрајна) дијареа, за која е карактеристично периодите на нормално празнење на цревата да се менуваат со периоди на дијареа. Повремената дијареа е можна особено кај луѓето со ослабен имунолошки систем.

Поради долготрајната дијареа може да се појават знаци и симптоми кои се поврзани со недостаток на витамини и минерали, кои поради хроничната дијареа лошо се апсорбираат од цревата. Дури и тогаш кога дијареата предизвикана од инфекција со паразити ќе заврши, можно е пациентите уште неколку недели или месеци да се жалат на тегоби поврзани со синдромот на нервозно дебело црево. Какви ќе бидат симптомите на цревната инфекција зависи од тоа дали заразата е предизвикана од бактерии, вируси или паразити.

Користењето на пробиотици го скратува времетраењето на акутната дијареа

Како и кај сите акутни цревни инфекции најважно е да се пијат течности и да не дехидрира организмот. Посебни ограничувања при изборот на видот на храна и пијалоци не се потребни. Не се препорачува храна и пијалаци кои ја забрзуваат перисталтиката или предизвикуваат надуеност, односно мрсна храна, зрнеста храна, алкохол, кофеински напитоци, поголеми количини млеко, лути зачини, свежо овошје и зеленчук. Во неколку истражувања е докажано дека со земањето на пробиотици се скратувавреметраењето на акутната дијареа и, исто така, со нивна употреба се придонесува за побрзо нормализирање на цревната флора, што претставува истовремено важен фактор во спречувањето на појавата на синдром на нервозно дебело црево.

При акутна дијареа се препорачува употреба на докажано ефикасни пробиотски култури кои го намалуваат траењето и интензитетот на дијареата.

 

За да уживаме во текот на летото во активностите на вода, треба да запаметиме неколку факти кои значително можат да го намалат ризикот од појава на цревни инфекции:

  • Капете се на уредени капалишта каде што неколку пати на ден се контролира квалитетот и чистотата на водата.
  • Ако дома имате базен, исто така, морате редовно да се грижите за чистата вода и потребната концентрација на средство за дезинфекција во неа.
  • Ако имате дијареа, не влегувајте во вода, одложете го капењето најмалку 48 часа од последната течна столица. Ова се однесува и на децата.
  • Избегнувајте капење и спортски активности во вода во која се влеваат канализација или води од пасишта.
  • Избегнувајте капење и спортски активности во вода која е матна, има невообичаен мирис или пак е видливо загадена.
  • Не се препорачува намерно пиење од водата за капење и подолго задржување во плиткото.
  • Доколку е можно, по капењето или играњето во вода да се истуширате со чиста вода.

За доволен внес на витамин Д одберете го најдоброто

back to top