Зимата и недостатокот на витамин Д

Урша Јарц, мр. фарм.
Веќе се започнати кратките денови со долги зимски вечери. На работа одиме и се враќаме по темнина, а во текот на денот понекогаш здогледуваме и по некој сончев зрак низ прозорецот, нормално ако тоа го дозволи времето. Таквиот начин на живот влијае на нашето здравје бидејќи може да доведе до недостаток на витамин Д.
Во зима недостатокот од витамин D е поголем

Витаминот Д не е без причина познат како сончев витамин. Во нашата коза се синтетизира под дејство на сончевите зраци. Но присутен е и во одредени видови на храна како што се месо, масло од црн дроб на масни риби и збогатено млеко или сокови, но во многу мали количини за да се задоволат дневните потреби само преку храната.

Зошто е важен витаминот Д?

Веројатно е веќе познато дека витаминот Д е важен за јаки коски и заби. Покрај тоа, многу е важен за имунолошкиот систем и мускулите. Голем број на истражувања покажале и дека постои поврзаност меѓу недостатокот на витамин Д и развојот на некои видови рак, мултипла склероза, алергија, кардиоваскуларни болести и дијабетес.

Во случај на недостаток на витамин Д доаѓа до недостаток на калциум и фосфор во крвта што предизвикува спор раст и развој на коските. Кај децата тоа може да предизвика рахитис, а кај возрасните остеопенија, односно остеопороза.

За здрав раст и развој на коските се препорачува додaток на витамин D3 во исхраната.

Витаминот Д во зима

Витаминот Д се синтетизира во кожата под дејство на UVB зраците. Во случај на лошо време, употреба на креми со заштитен фактор или кај лицата со темен тен продирањето на UVB зраците во кожата се намалува. Меланинот во кожата на лицата со темен тен влијае на апсорбцијата на UVB зраците исто како и кремите со заштитен фактор 15 кај лицата со светол тен. Во двата случаи се намалува апсорбцијата на UVB зраците за околу 99%. 1

За добра апсорбција важен е и аголот под кој сончевите зраци паѓаат на површината на земјата. Колку е сонцето под поголем агол толку повеќе UVB зраци може телото да апсорбира. Во зима, кога сонцето е ниско, и апсорбцијата на UVB зраците е мала намалена е и синтезата на витамин Д.

Без разлика на годишното време, зголемен ризик од недостаток на витамин Д постои кај доенчињата и малите деца, старите лица кај кои е способноста за синтеза на витамин Д во кожата намалена, лицата со преголема телесна тежина, бремените и сите оние кои (не)намерно ја избегнуваат сончевата светлина.2

Што можеме да превземеме самите

Теоретски, витаминот Д може во кожата доволно да се произведе во лето, при соодветна изложеност на сончевите зраци, за цела зима бидејќи вишокот може да се складира во масните залихи од каде што по потреба може да се користи.

Во две седмици одмор во лето за жал не може да се произведе доволно залиха на витамин Д за цела година. Покрај тоа, одредени популации посебно внимаваат на заштитата од сонце.

Доенчињата и малите деца по правило не треба да излегуваат на врелото летно сонце, а доколку има потреба да излезат мора да користат крема со висок заштитен фактор, да облечат лесна облека со долги ракави и да ја заштитат главата. На тој начин практично во целост се оневозможува синтеза на витамин Д кој е клучен за здрав развој на децата.

Здруженијата на педијатри препорачуваат во исхраната на децата до една година да се додаваат 400IU (интернационални единици) витамин Д дневно што одговара на 10 µg, а во исхраната на тинејџерите од 400 до 1000IU на ден.

Освен тоа, се препорачува витаминот Д да се зема како маслена суспензија, бидејќи во таков облик на витаминот Д не му се потребни помошни супстанции за одржување на стабилноста кои можат да предизвикаат алергиски реакции.

Извори:

  1. Holick, Chen. Vitamin D deficiency: a worldwide problem with health consequences. Am J Clin Nutr April 2008 vol. 87 no. 4 1080S-1086S
  2. Benedik, E., Fidler Mis, N. New recommendations for vitamind D intake. Zdrav Vestn 2013; 82 supl 1: I-145–51
back to top